Изберете ја вашата локација и јазик.
Локални вести

Samsung уште повеќе посветен на светските океани со примена на Galaxy технологијата

Samsung, во нова соработка со организацијата Seatrees, ја применува својата технологија на камерата како корисна алатка за обновување на коралните гребени

06.02.2025

Samsung Electronics објави дека ги проширува своите активности за заштита на светските океани во соработка со партнери со иста мисија. Покрај напорите за справување со проблемот со пластичниот отпад преку претворање на отфрлените рибарски мрежи во висококвалитетен рециклиран материјал што се користи во Galaxy уредите, Samsung прави значаен чекор напред со својот најнов проект за обновување на загрозените морски екосистеми. Компанијата најавува поддршка за нова иницијатива која ќе им овозможи на локалните заедници и на експертите кои работат на обновување на коралните гребени пристап до мобилна технологија, со што ќе се подигне свеста за предизвиците со кои се соочува овој малку видлив, но исклучително важен екосистем.

Постигнување конкретен напредок за светските океани

Samsung е посветен на заштитата на животната средина за идните генерации, а таа посветеност ги поттикнува иновациите и позитивното влијание на компанијата врз луѓето и планетата. Благодарение на оваа заложба, Samsung работи на подобрување на здравјето на океаните со помош на својата иновативна технологија.

 

Почнувајќи од серијата Galaxy S22 во 2022 година, Samsung користи рециклирани отфрлени рибарски мрежи во своите Galaxy уреди. Од тогаш, компанијата постојано ја зголемува употребата на овој рециклиран материјал во сите Galaxy мобилни уреди¹, со цел да ја намали штетата што пластиката, која завршува во океаните², му ја нанесува на чувствителниот морски екосистем³.

 

Samsung сега оди чекор понатаму во овие активности и се приклучува на американската непрофитна организација Seatrees и Калифорнискиот универзитет во Сан Диего во истражување на нови, иновативни решенија за обновување на коралните гребени. Galaxy технологијата на камерата, обезбедена за локалните активисти и истражувачи кои работат на обновување на коралните гребени, ќе помогне во нивните напори за враќање на гребените оштетени од климатските промени и загадувањето, овозможувајќи подобрено следење на успехот на нивната обнова.

 

„Посветени сме на светските океани уште од моментот кога ги претворивме отфрлените рибарски мрежи во клучни компоненти на серијата Galaxy S22 и до денес имаме искористено повеќе од 150 тони отфрлени рибарски мрежи како главни компоненти во Galaxy уредите,“ изјави Стефани Чои (Stefani Choi), извршна потпретседателка и директорка за маркетинг за мобилни уреди во Samsung Electronics. „Оваа година ја прошируваме нашата посветеност кон океаните со создавање корисна технологија која помага во заштитата и обновата на загрозените морски екосистеми ширум светот.“

 

Заедно со организацијата Seatrees, Samsung ѝ дава нова цел на Galaxy технологијата за понатамошни иновативни решенија кои го унапредуваат здравјето на светските океани. Компанијата поддржува непрофитни организации и членови на локалните заедници кои работат на Фиџи, во Индонезија и во Соединетите Американски Држави, обезбедувајќи им Galaxy технологија што помага во обновата на крајбрежните екосистеми. Со примена на мобилната технологија, овие организации имаат за цел да прилагодат и развијат поефикасен процес за обновување на коралите на гребените загрозени од климатските промени, прекумерниот риболов и загадувањето на океаните, вклучително и отфрлените рибарски мрежи.

Иновативен пристап кон следење и обновување на гребените

Иако покриваат помалку од еден процент од дното на океаните, коралните гребени поддржуваат околу 25 проценти од целиот морски живот, што ги прави еден од биолошки најразновидните екосистеми на планетата⁴ . Милиони луѓе ширум светот, исто така, се потпираат на гребените како извор на храна, приходи и заштита на крајбрежните подрачја. Со сегашната стапка на деградација, постои ризик дека гребените би можеле целосно да исчезнат до 2050 година⁵ . Со цел да го поддржи забрзаниот развој на проекти за управување со коралните гребени ширум светот, оваа иницијатива ќе обезбеди напредна технологија за следење, користејќи мобилни уреди како достапна технолошка платформа.

 

Иако обновувањето на коралните гребени трае со децении, истражувачите постојано бараат нови начини за унапредување на овој процес. Научниците од Институтот за океанографија Scripps при Калифорнискиот универзитет во Сан Диего, заедно со локалните заедници, користат фотограметрија⁶  за собирање различни податоци, вклучувајќи фотографии на корали, за да го анализираат здравјето и растот на гребените. Ова им овозможува да развијат 3D модели на гребените и да изберат соодветни интервенции за да се намали влијанието на климатските промени врз коралите.

 

Прецизните податоци се од суштинско значење за истражувачите подобро да разберат како напорите за обновување на коралите влијаат врз гребените и да помогнат во нивната заштита на глобално ниво. Сепак, создавањето прецизни и живописни фотографии на коралните гребени не е лесна задача. На сликите може да влијае заматување предизвикано од движењето на нуркачите додека пливаат над гребените и прават илјадници фотографии, што доведува до помалку прецизни податоци. Исто така, водата апсорбира топли бои, како што се црвената и портокаловата, познати како светлина со долга бранова должина, што ја намалува точноста на фотографиите и резултира со потемни и посини слики од она што може да се види со голо око. 

 

Свесни за тоа дека прецизната подводна камера е од огромно значење за подобрување на напорите за обновување на коралите ширум светот, Samsung се посвети на надминување на овие предизвици преку подобрување на Galaxy технологијата како корисна алатка за обновување на коралите. Ексклузивно за ова партнерство, Samsung разви специјален режим на камера, наречен Океански режим⁷ . Овој режим ја подобрува постоечката камера за да обезбеди поефикасно и поквалитетно фотографирање на коралните гребени под вода. Тој го намалува заматувањето предизвикано од движењето, го подобрува балансот на белата боја за попрецизно снимање на подводните сцени и гарантира дека истражувачите добиваат висококвалитетни и прецизни фотографии. На овој начин, се унапредува процесот на обновување на коралите преку подобра анализа на успехот на обновата.

 

„За осмислување и спроведување на обновата на коралните гребени се неопходни сигурни информации за тоа што функционира, а што не,“ изјави д-р Стјуарт Сендин (Stuart Sandin), морски еколог од Институтот за океанографија Scripps и директор на Центарот за морски биодиверзитет и зачувување. „Мобилните технологии нудат интересна можност за поширок пристап до овие информации.“

 

„Потпирајќи се на технологија што е и иновативна и достапна, оваа соработка има потенцијал да помогне во надминување на пречките и поедноставување на процесот на истражување и обнова, овозможувајќи поефикасно управување засновано на научни податоци на глобално ниво,“ додаде д-р Илаја Ароноф-Спенсер (Eliah Aronoff-Spencer), технолошки хуманист и директор на Центарот за дизајн во здравството при Калифорнискиот универзитет во Сан Диего.

 

„Ова партнерство претставува заеднички напор на луѓе и организации кои се обединија со цел да ја вратат надежта за обновување на океанските екосистеми,“ изјави Мајкл Стјуарт (Michael Stewart), коосновач и директор на организацијата Seatrees. „Благодарение на соработката со Samsung и Калифорнискиот универзитет во Сан Диего, можеме да ги споделиме нивните иновативни алатки и да им помогнеме на локалните заедници ширум светот да ги обноват коралните гребени.“

 

Во текот на 2024 година, Samsung поддржа проекти за обновување на коралите во региони во кои дојде до оштетувања на коралните гребени, како што се Бали во Индонезија, островот Вити Леву на Фиџи и Флорида во САД. Досега, повеќе од 11.000 делови од корали се успешно засадени на овие локации. Посветени на примена на технологијата за општо добро, Samsung и неговите партнери се обединети околу заедничката цел за заштита на морските екосистеми и зачувување на светските океани за идните генерации. Благодарение на духот на отворена соработка и со помош на производите на Samsung, овие организации ќе продолжат да ја шират иницијативата во уште повеќе региони во наредните месеци. 

 

За повеќе информации за подеталните напори на Samsung во областа на одржливоста, посетете ја нашата веб-страница Sustainability.

¹ Рециклирани материјали се наоѓаат во сите Galaxy уреди лансирани во текот на и по 2022 година.

² Пластиката што завршува во океаните претставува отфрлен пластичен отпад од сите големини (микропластика, мезопластика и макропластика) на оддалеченост до 50 км од брегот.

³ Количината на пластика што завршува во океаните, а која се користи, варира за секој уред. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Samsung Sustainability.

⁴ Смитсонијан музеј за природна историја

⁵ Програмата на Обединетите нации за животна средина

⁶ Фотограметријата е наука за собирање веродостојни информации за физичките објекти и околината преку процесот на снимање, мерење и толкување на фотографски слики.

⁷ Океанскиот режим е ексклузивно поддржан за овој проект и не е достапен за општи производи за широка потрошувачка.

⁸ Galaxy S24 Ultra што се користи под вода беше поставен во водоотпорно подводно куќиште. Galaxy паметните телефони не се дизајнирани да бидат отпорни на морска вода.

Check for inlineJS path ------ clientlib

js path is correct or not

js path is correct or not

js path is correct or not